Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес изјави дека Иран ќе одговори силно на нападите на Израел и легитимно ќе го брани интегритетот на земјата.
Во обраќањето до нацијата, тој рече дека израелскиот напад бил брутален чин што е спротивен на меѓународното право и ја потврдува „криминалната природа“ на израелскиот режим.
Пезешкијан потврди дека голем број деца и жени, воени команданти и нуклеарни научници биле убиени во израелскиот напад врз Техеран и други градови низ земјата, објави иранската новинска агенција ИРНА.
„Секако, иранскиот народ и официјални лица нема да молчат пред ова злосторство, а легитимниот и силен одговор на Исламската Република Иран ќе го натера непријателот да се покае за својата глупава акција“, рече Пезешкијан.
Тој нагласи дека Иран ќе дејствува решително како одговор на агресијата и легитимно ќе го брани интегритетот на земјата. Тој ги повика луѓето да го зачуваат единството, интегритетот и емпатијата и да не обрнуваат внимание на она што тој го нарече „гласини и лажни вести“ што Израел ќе ги шири како дел од психолошката војна.
Пезешкијан рече дека иранските власти ќе се погрижат да нема нарушувања во секојдневниот живот и дека на иранскиот народ му е потребно „единство, доверба, емпатија, единство и консензус“ повеќе од кога било.