Пет мажи беа уапсени вчера во Германија и денеска се појавија пред истражен судија, додека Јавното обвинителство во Минхен разгледува можен исламистички мотив за нивните постапки.
Според обвинителството, меѓу уапсените се 56-годишен државјанин на Египет, 37-годишен Сириец и тројца државјани на Мароко на возраст од 22, 28 и 30 години. Според досегашните наоди од истрагата, египетскиот државјанин, кој е исламски проповедник, повикал на извршување напад во џамија во областа Динголфинг-Ландау.
Како што соопшти обвинителството, целта на наводниот напад била да се „убијат или повредат што е можно повеќе луѓе“. Нападот, според наводите, требало да биде извршен со возило, при што не е прецизиран типот на возилото.
Операцијата ја водела Централната канцеларија на Јавното обвинителство надлежна за борба против екстремизмот и тероризмот, со поддршка на Баварската покраинска канцеларија за заштита на уставниот поредок. Од надлежните е соопштено дека во акцијата не биле вклучени странски разузнавачки служби.
Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, изјави дека акцијата ја покажува ефикасноста на безбедносните служби и нивната подготвеност да ги заштитат граѓаните.
Засега не е познато кој божиќен пазар требало да биде цел на наводниот напад, ниту кога требало да се случи. Во Динголфинг и Ландау, божиќните пазари завршиja на 7 декември.
Надлежните институции сè уште не објавија каде точно биле уапсени осомничените. Дел од германските медиуми објавија дека полициската операција била спроведена во пограничната област со Австрија, во близина на граничниот премин Субен.
Истрагата за случајот продолжува, а од обвинителството потсетуваат дека за сите осомничени важи претпоставката за невиност.
