Германската разузнавачка служба (БНД) ја шпионирала Турција околу 40 години, објави германското списание „Фокус“.
Списанието наведува дека БНД ја шпионирала Турција уште од 1976 година и оти тогашниот германски канцелар Хелмут Шмит го одобрил тоа.
„Фокус“ цитира неименувани владини извори, според кои сегашниот мандат за следење на турските политичари и институции е одобрен од владина работна група, составена од претставници на канцеларот, на министерствата за одбрана, за надворешни работи и за економија.
Конзервативниот пратеник Ханс-Петер Ул за „Фокус“ изјави дека имало основани сомневања за прислушувањето на Турција. Тој како повод ја наведува вознемиреноста од трговијата со луѓе, со наркотици и тероризмот.
Амбасадорот на Германија Берхард Пол во понеделникот (18 август) беше повикан во турското Министерство за надворешни работи за да се изрази „загриженоста“ на Анкара по тврдењата за шпионирање на Турција од страна на Берлин.
Претходно, „Шпигел“ објави дека германските разузнавачки служби прислушувале најмалку еден телефонски разговор на американскиот државен сектретар Џон Кери и со години ја следеле Турција.
Германското списание тврди дека Владата во Берлин уште во 2009 година побара од разузнавачките служби да ја шпионираат Турција, која е партнер на Германија во НАТО.
„Шпигел“ наведува дека целите на шпионажата се актуализираат на секои четири години на германската Влада, но оти актуелните приоритети не биле променети по шпионската афера со САД и оти Турција најверојатно уште е цел на прислушување.