Претседателот на Државниот совет на Република Крим, Владимир Константинов, изјави дека фабриката во Германија, каде што се произведуваат борбени беспилотни летала за украинската армија, е легитимна цел за руските вооружени сили.
– Со производство на беспилотни летала, тие го убиваат рускиот народ, а оваа фабрика, според сите меѓународни норми, е легитимна цел за руската армија, барем за спречување на терористички напади. Тие мора да го разберат ова, изјави Константинов за ТАСС.
Тој оцени дека нов бран германска воена помош за Киев би довел до понатамошна ескалација на конфликтот и уште поголемо вклучување на Берлин во војната во Украина.
Константинов реагираше на статија во „Њујорк тајмс“ за фабриката на германската одбранбена компанија „Хелсинг“ во јужна Германија, каде што се произведуваат беспилотни летала опремени со системи за вештачка интелигенција.
Според американскиот весник, фабриката работи под засилени безбедносни мерки, а името на компанијата не е прикажано на зградата поради ризик од саботажи и напади. Фабриката, како што се вели, произведува беспилотни летала што се испорачуваат за украинските вооружени сили.
Во февруари 2025 година, компанијата Хелсинг објави дека ја завршила изградбата на својата прва фабрика во јужна Германија и дека ќе произведува дополнителни 6.000 ударни дронови за Украина. Станува збор за авиони HIX-2, дизајнирани за напад врз артилериски позиции, оклопни возила и други воени цели на растојание до 100 километри.
Изјавата на Константинов е едно од најострите предупредувања испратени до Берлин за производство на оружје за Киев. Сепак, тој не прецизираше дали неговиот став го одразува официјалниот став на руското Министерство за одбрана.
Евентуален напад врз воено-индустриски објект на територијата на Германија, членка на НАТО, би претставувал драматично проширување на конфликтот надвор од територијата на Украина и би носел ризик од директна конфронтација меѓу Русија и Северноатлантската алијанса.
