Водачот на минатогодишен воен удар, а сега привремен премиер на Тајланд, генералот Прајут Кан-ока денеска најави дека подготвил план за војна против корупцијата.
Конкретните мерки за спечување на корупцијата Прајут ќе ги објави на средба со министрите, домашни и странски дипломати, директори на агенции и досега најголем број поканети новинари на еден ваков собир, што ќе се оддржи идниот понеделник.
Своите намери тајландскиот премиер ги соопшти преку „Писмо напишано од срцето на премиерот’’ објавено на владиниот њуслетер. Објаснувајќи дека неговиот план ќе се соочи со голем број пречки од страна на вработените во државната и локалните администрации, генералот Прајут ги потсети своите сограѓани дека е личност која не се откажува лесно пред тешкотиите на задачата и кога „еднаш ќе го насочи својот ум кон некоја мисија, ќе ја постигне целта – без оглед на тоа за колку тешка задача се работи“.
Корупцијата во Тајланд, но и во најголем дел од државите на југот и истокот на Азија се уште се смета за стил на живеење. Медиумите оценија дека генералот Прајут ќе ги користи искуствата на Индонезија, каде што по налог на Агенцијата за антикорупција се осудени и затворени четворица министри, над 350 високи функионери на државната администрација и стотина бизнисмени.