Шеесет отсто од Французите мислат дека Националниот Фронт (НФ) нема да биде подобар од водечките политички партии од левицата или десницата, доколку дојде на власт, додека една четвртина го мисли спротивното, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Оваа констатација произлегува од испитувањето на јавното мислење направено од институтот ЦСА за телевизијата БФМТВ. Во него 39 отсто од испитаниците одговориле дека Националниот Фронт (партија на крајната десница) „сигурно нема да биде подобар“ од традиционалните партии, додека 21 отсто „најверојатно не“.
Истовремено 16 отсто од испитаниците мислат дека НФ „веројатно“ и 9 отсто „сигурно“ ќе биде подобра власт од другите партии. Мнозинското мислење е споделено од сите категории на населението, освен кај либералните професии и високообразовените лица кај кои дури 79 отсто сметаат дека партијата на Марин Ле Пен нема да биде подобра од другите партии. Кај работниците тоа го мислат 50 отсто од испитаниците, додека 34 отсто мислат дека ќе биде подобра.
Кај симпатизерите на левицата 86 отсто од испитаниците мислат дека НФ нема да биде подобар од другите партии, а кај симпатизерите на умерената десница 65 отсто.
Без изненадување, симпатизерите на крајната десница масивно го поддржуваат НФ, дури 94 отсто од испитаниците мислат дека тој ќе биде подобар од традиционалните партии, исто како и 83 отсто од лицата кои во 2012 година гласаа за Марин Ле Пен.