Делегација француски пратеници денеска пристигна во Тајпеј, јави германската агенција ДПА.
Станува збор за прва посета на официјални претставници на влијателна европска земја откако Тајван минатиот месец го посети претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси.
Делегацијата е составена од претставници на различни парламентарни групи, предводена од сенаторот Кирил Пелва, потпретседател на Комисијата за европски прашања на Сенатот.
Шестдневната парламентарна посета е на покана на тајванската Влада. Тоа е четврта парламентарна делегација од Франција што пристигнува во Тајван во изминатите 12 месеци.
„Посетата целосно го покажува доброто пријателство меѓу Тајван и Франција“, изјави денеска Џоан Ву, портпарол на тајванското Министерство за надворешни работи.
Француските пратеници ќе се сретнат со потпретседателот на Тајван Лаи Чунг и со други високопоставени претставници на тајванските власти.
Како одговор на посетата на Пелоси минатиот месец, Кина започна со големи воени вежби во близина на Тајван.
Тајванскиот претседател Цаи Инг-вен вчера изјави дека ситуацијата и понатаму е напната, потсетува ДПА.
Извор: МИА