Француските пратеници со големо мнозинство усвоија закон со кој на лекарите им се одобрува, тешко болните пациенти да ги воведуваат во длабок сон кој завршува со смрт.
Според овој закон кој предизвика дебата, лекарите се обврзани пациентите кои во свесна состојба ќе се изјаснат дека не сакаат да бидат ставени на апарати за вештачко одржување во живот, доколку биде неопходно, да ги стават во длабок сон, пренесе „Франс прес“.
Како што пренесуваат медиумите седницата накратко била прекината, откако група луѓе започнала да фрла хартија од галеријата, извикувајќи „Не еутаназија“.
Инаку претседателот Франсоа Оланд во тек на претседателската кампања во 2012 година вети дека ќе го разгледа ова прашање кое предизвикува поделби во државата.
Резултатите од анкетите покажуваат дека повеќето Французи (96 проценти) се за воведување на пациентите во длабок сон доколку сами можат да донесат одлука за тоа. а нешто помал процент испитаници (88 проценти) се согласуваат со тоа медицински тим да донесе таква одлука доколку пациентот не е способен за тоа.
Францускиот закон од 2005 година веќе легализира пасивна еутаназија која подразбира престанок на лекување на тешко болен човек.
Е.Г.