Папата Франциск ја именува Франческа Ди Џовани за прва жена директор во еден од најважните ватикански секретаријати.
Ди Џовани (66) е именувана за потсекретар за мултилатерални работи во Државниот секретаријат, што значи дека ќе биде одговорна за водење на одделението што ги координира односите помеѓу Ватикан со Обединети нации и другите меѓувладини организации.
Папата Франциск одлучи на жените да им даде поголема улога во донесувањето на големи одлуки во Ватикан и во Католичката црква, работи што досега ги извршуваа свештеници, бискупи или кардинали.
Ди Џовани истакна дека нејзиното именување покажува дека папата Франциск посветува внимание на жените.
– Се надевам дека тоа што сум жена ќе влијае позитивно, посочи Ди Џовани.
Уште неколку жени имаат ист ранг во другите канцеларии на Ватикан, вклучително и потсекретаријатот за верски ред и два потсекретаријати во ватиканската канцеларија за лаици.
Државниот секретаријат е најважна ватиканска канцеларија што ја координира работата на Светата столица, како и дипломатските односи со другите држава.