Финска денес соопшти дека ги олеснува мерките против ширењето на коронавирусот и дека ќе ги отвори границите за државјаните на шесте соседни држави. Во одлуката, сепак, не е вклучена и Шведска, во која изминативе денови епидемијата повторно се разгоре, јавуваат агенциите.
Владата соопшти дека посетителите од Естонија, Летонија, Литванија, Норвешка, Данска и Исланд од понеделник ќе можат да влезат во Финска и нема да треба да го минат 14-дневниот период на самоизолација.
Мерките важат за копнената граница помеѓу Финска и Норвешка, како и врз воздушните и траектните услуги меѓу Финска и Норвешка, Данска, Исланд, Естонија, Летонија и Литванија.
„За жал, епидемиската состојба во Шведска е толку лоша што сè уште не можеме да ги олесниме ограничувањата“, изјави министерката за внатрешни работи, Марија Оисало .
Таа додаде дека владата се надева дека набргу ќе може да ги укине и ограничувањата кон Шведска. Исклучоци ќе се прават само за посетители со дом или викендичка во Финска, или кои имаат семејство во Финска.
Луѓето кои пристигнуваат од земји кои сè уште се подложени на внатрешна или надворешна контрола на границите, како што се Шведска, Германија и Русија, се обврзани да се изолираат, соопшти владата, која и натаму советува да не се преземаат патувања во странство кои не се нужни.