Филипинскиот претседател Родриго Дутерте изјави дека „лично ќе ги растргне и ќе ги изеде исламските милитанти од движењето Абу Сајаф, кои неодамна извршија терористички напад во неговото родно место.
– Ќе платите. Кога ќе дојде време ќе ве изедам пред народот, порача Дутерте до Филипинците од Лаос, каде се наоѓа на регионален самит.
– Ако ме разбеснете, ќе ве изедам живи, сурови, додаде тој.
Филипинскиот претседател, кој е познат по навредување на своите критичари, покрена брутална војна против криминалот во земјата, во која речиси три илјади луѓе се убиени откако на 30 јуни дојде на функцијата.
Советниците на Дутерте често пати апелираат до новинарите неговите коментари да не ги сфаќаат буквално, бидејќи тој користи груб народен јазик.
Милитантите од Абу Сајаф минатиот месец убија 15 војници, а се товарат и за бомбашкиот напад извршен минатата недела во родниот град на Дутерте, Маасин, во кој загинаа 14 лица.
– Ќе ви ја распарам утробата. Дајте ми оцет и сол и ќе ве изедам. Не се шегувам, додаде тој.
Абу Сајаф е мала групација на исламистички терористи, која дејствува во зафрлените места на јужните острови на Филипини.