Бразилскиот министер за надворешни работи Луис Алберто Фигуередо демантираше дека поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, поднел барање за азил до Владата на Бразил.
Сноуден, кој во моментов престојува во Русија каде му е одобрен привремен азил што истекува во август, во интервју за бразилската ТВ станица „Глобо“ изјави дека „сака да живее во Бразил“ и дека официјално поднел барање за азил.
Шефот на бразилската дипломатија, меѓутоа, изјави дека „тоа не е така“.
– Доколку стигне, барањето ќе биде разгледано, но текво нешто досега не е стигнато, рече министерот.
Сноуден во интервјуто, емитовувано во неделата, наведе дека формално побарал азил во неколку земји, вклучувајќи го и Бразил, и дека очекува тој да му биде доделен од хуманитарни причини, а не затоа што ќе „понуди тајни документи на НСА во замена за сигурно засолниште“.
Поранешниот систем администратор во НСА минатата година објави серија тајни документи што покажаа дека американските разузнавачки служби прислушувале државјани на повеќе земји, вклучувајќи и на Бразил, поради што бразилската претседателка Дилма Русеф ја откажа и најавената посета на Вашингтон.
Официјални претставници на НСА соопштија дека Сноуден имал пристап до околу 1,7 милион тајни документи, иако не е познато колку од нив украл од седиштето на НСА на Хаваи, додека таму работел како систем администратор под договор.