Германија „се пожали“ на словачкото Министерство за надворешни работи поради организирањето на вонредниот Самит на Вишеградската група (В4) со Македонија и Бугарија, изјави денеска на прес-конференција во Банска Бистрица словачкиот премиер Роберт Фицо,
Главна тема на Самитот на В4, што в понеделник ќе се одржи во Прага, ќе биде зајакнувањето на контролата на границата меѓу Бугарија, Македонија и Грција.
Според Фицо, земјите од В4 (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија) треба да понудат алтернативен план за заштита на надворешните шенгенски граници, доколку во тоа не успее Грција.
Германскиот неделник „Шпигел“ оцени дека В4 со својата намера за заштита на шенгенските граници и затворање на балканските траси за бегалци, се поставува против планот на германската канцеларка Ангела Меркел, кој предвидува решавање на миграциската криза со помош на Турција.
– Германија упати протестна нота сметајќи дека треба да се бараат други начини. Доколку Грција еднаш нема да сака да ги штити (Шенгенските) граници, мораме да понудиме дриги варијанти, рече Фицо.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, Фицо уште во обраќањето на конференцијата на неговата партија Социјална демократија – Смер за протестот поради Самитот на Вишеградската група, зборуваше како за демарш со значење „што си дозволуваат В4 заедно о Бугарија и Македонија да зборуваат за заштита на надворшни граници“.
Владата во Прага соопшти дека нема информации за протест на Германија заради Самитот, чиј домаќин е Чешка.
– Самитот в понеделник има два јасни тематски блокови, а тоа е 25-годишнината на В4 и миграциската криза во Европа и нема никакви напори да се прави некаково „проривење“ на која било земја на ЕУ или на Германија, рече портпаролото на чешката Влада, Мартин Ајрер.
– Доколку недостасува заедничка европска стратегија, тогаш е легитимно дека земјите на балканската траса ќе ги штитат своите граници. Со тоа ние ќе им помогнеме, изјави шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак.
Можноста за создавање на „резервна граница“ за заштита на Шенгенските границите пред приливот на мигранти во ЕУ преку т.н. балканска рута, претходно ја спомнуваше и чешкиот премиер Бохуслав Соботка, кој за тоа разговарал со словачкиот колега Фицо кој ја поддржал неговата намера .
Фицо денеска го повтори својот став дека Грција не успева во заштитата на надворешната шенгенска граница без внатрешни гранични контроли.
– Сакаме да постигнеме согласност меѓу земјите на В4 дека кога не функционира Грција, а тоа се случува навистина, тогаш е подобро да инвестираме средства во заштита на границата која ја одделува Грција со Македонија, Бугарија и другите земји на линијата, рече Фицо изразувајќи подготвеност за финансиска и персонална помош.