Од следната година во Словачка ќе се намали Данокот за додадена вредност (ДДВ) за основните прехранбени производи за половина, а истовремено ќе се зголеми надоместокот за мајчинство и ќе се воведат надоместоци за курсеви за скијање за учениците, јави дописникот на МИА од Прага.
Најновите мерки се дел од вториот социјален пакет, кој според словачкиот премиер Роберт Фицо и неговата еднопартиска левичарска Влада има за цел да го подобри стандардот на граѓаните.
– Луѓето треба да почувствуваат дека Словачка е успешна. Државата треба да биде солидарна и дарежлива кон луѓето, изјави Фицо на партиски собир на Социјалдемократите (СМЕР-СД). Најзначајната промена е намалување на ДДВ-то на основните прехранбени продукти (млеко, зејтин, леб и пецива) од актуелните 20 на 10 проценти.
Досега во оваа категорија продукти спаѓаа книгите, лековите и некои здравствени помагала.
Една година пред парламентарните избори во Словачка, Фицо најави уште еден социјален пакет во вредност од 400 милиони евра, кој ќе опфати 15 мерки кои се однесуваат на зголемен мајчински додаток, поддршка за школските екскурзии за скијање, додаток за затоплување на домовите, додатоци за користење на еколошки извори на енергија, снижување на доплатата за лекови на децата и пензионерите, зголемување на капацитетите на градинките, зголемување на минималната плата и поддршка за регионите со висока невработеност.
Владата исто така сака да ги регулира банкарските служби. Словаците би добиле можност за водење на една банкарска сметка со неограничени служби за месечен надомест од три евра, а за луѓето со најниски примања услугата би била бесплатна.
Првиот социјален пакет, Владата на Фицо го воведе мината година кога тој не успеа во претседателските извори против Андреј Киска, кој стана претседател на државата.
Пакетот опфаќа бесплатно патување со воз за деца, студенти и сениори, што од опозицијата беше оценето како популистичка мерка, потсетувајќи на зголемувањето на данокот во 2012 година кога Кабинетот на Фицо стапи на функција.