Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи предупреди дека не е време за олеснување на строгите ограничувања на движењето, иако резултатите од сузбивањето на Ковид-19 се попозитивни дури и во жариштата како Њујорк.
Доктор Фаучи со предупредувањето одговори на изјавите на највисоките економски функционери во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кои и покрај повиците на здравствените експерти за продолжување на мерките за изолација, вчера најавија дека американската економија во мај би можела да почне со редовна работа.
– Се надеваме дека ќе се отвориме… многу, многу, многу, многу брзо, се надевам, рече Трамп на брифинг за коронавирусот во Белата куќа.
Фаучи, сепак, предупреди дека олеснувањето на ограничувањата нема да биде толку наскоро.
– Показателите сега се поволни, рече Фаучи во интервју за Си-Ен-Ен, осврнувајќи се конкретно на напредокот во Њујорк, кој е најтешко погоден од епидемијата, но веднаш предупреди дека „она што најмалку го сакаме сега е прерано да излеземе и повторно да се најдеме во истата ситуацијата”.
Со оглед на прославата на Велигден во недела, Фаучи ја истакна важноста да се задржи социјалната дистанца и рече: „Сега не е време да се повлечеме“.
– Природно е сега да бараме показатели дека постепено одиме напред и да ја отвориме земјата, но тоа зависи од голем број фактори, истакна тој.
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, исто така, го предупреди Трамп да не се обидува да избрза со мерките за олеснување.
– Се надевам дека научната заедница ќе преовладее и ќе рече:„ Не, не можете да го сторите тоа, ако одите премногу рано, со тоа само ќе ја влошите состојбата, рече Пелоси во интервју за Политико доцна синоќа.