Пакистан е на пат да се претвори во земја со третиот по големина нуклеарен арсенал во светот по САД и Русија и тоа може да се случи за десет години, ако продолжи да произведува по 20 нуклеарни парчиња годишно, пишува денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Весникот се повикува на истражување, изготвено од двајца авторитетни американски аналитичари и објавено од „Фондот Карнеги за меѓународен мир“.
Во истражувањето се наведува дека Пакистан е пред својот сосед и ривал Индија, која произведува само по пет нуклеарни боеви глави годишно.
Висок пакистански функционер изјави за „Фајненшл тајмс“ дека „прогнозите за иднината во истражувањето се мошне преувеличени“.
– Пакистан е одговорна, а не неконтролирана нуклеарна држава, нагласи тој.
Западните аналитичари со години се обидуваат да дадат точна проценка на нуклеарните боеви глави, кои ги поседуваат Индија и Пакистан, чии нуклеарни програми се тајни.