Европската заштита на лични податоци ќе важи за сите корисници на Фејсбук

Од:

Новите европски правила за заштита на личните податоци, кои треба да стапат во сила на 25 мај 2018 година, ќе важат за сите корисници на Фејсбук, изјави основачот на социјалната мрежа Марк Закерберг.

Новата регулатива на Европската Унија за заштита на лични податоци, позната како ГДПР, која се воведува по скандалот со „Кембриџ Аналитика“, предвидува построги правила за заштита на приватноста на корисниците.

Европската регулатива предвидува, меѓу другото, дека корисниците треба да дадат согласност за користење на нивните лични податоци, а условите за тоа користење треба да бидат јасно наведени.

Корисниците ќе имаат право да знаат кои податоци ги имаат компаниите за нив и ќе можат да побараат од Фејсбук да избрише некои нивни лични податоци. Компаниите кои нема да ги почитуваат овие правила можат да бидат казнети.

Некои експерти сметаат дека доколку оваа регулатива веќе беше во сила, Фејсбук по скандалот со „Кембриџ Аналитика“ најверојатно ќе требаше да плати казна.

Закерберг ги поздрави новите правила на ЕУ и најави дека тие ќе бидат на располагање за сите корисници во светот, не само во ЕУ.

– Генерално мислам дека вакви регулативи се позитивни. Имаме намера сите тие контроли и сетинзи да ги направиме достапни секаде, не само во Европа, рече Закерберг.

Тој сепак прецизираше дека „форматот ќе биде различен“.

– Дали ќе биде истиот формат? Веројатно не. Ќе треба да видиме што има смисол на разните пазари со различни закони на различни места. Но, да повторам, истите контроли ќе бидат достапни секаде, не само во Европа, додаде основачот на Фејсбук.

Сепак, како што јави дописникот на МИА од Брисел, многумина не се убедени дека резултатот од примената на правилата ќе биде ист насекаде. Според нив, тоа што ќе бидат достапни истите контроли, како оние предвидени со ГДПР, не значи дека и ќе се применуваат глобално.

Фејсбук смета дека законите за заштитата на личните податоци во одредени земји можат да се судрат со правилата предвидени во европската регулатива, но дека намерата на социјалната мрежа е европските правила да им бидат достапни за сите.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он