Европската вселенска агенција (ЕСА) побара повеќе пари од своите 22 земји-членки за финансирање на заеднички проекти за истражување на вселената.
– Иако многумина не мислат така, патувањата во вселената се клучни за секојдневниот живот на Земјата, изјави шефот на агенцијата Јан Вернер на состанок во Севиља.
Тој сака да го зголеми буџетот на ЕСА за најмалку десет проценти во следните три години.
ЕСА има буџет од вкупно 5,72 милијарди евра оваа година, а 73 отсто од нив ги финансираат земјите-членки. Најголем придонес има Франција, 1,2 милијарди евра, а потоа следува Германија со 927 милиони евра. Дел од парите ги плаќаат и институционалните партнери како што е ЕУ.
Меѓу новите проекти што ги разгледува ЕСА се и новата ракета Аријана 6, истражување на вселената и заштита од астероиди.
Важна тема е учеството во програмата на НАСА Артемис чија цел е враќање на американските астронаути на Месечината во 2024 година. ЕСА треба да развие сервисен модул кој ќе ја напојува вселенската капсула Орион.
Вернер, исто така, сака европските астронаути да учествуваат во слетувањето на месечината.