Потпретседателката на Европската Комисија задолжена за правда, Вера Јурова, испрати писмо до полските власти во кое бара објаснувања за процедурите околу спорниот закон за судии и предупредува дека националното законодавство не е над европското.
Контроверзниот полски закон содржи одредби кои би значеле пресметка со судиите кои не се на истата партиска линија како владата, додека владејачката партија се правда дека законот е потребен за да се воведе ред во судскиот систем во Полска.
Европската Комисија, која има улога да проверува дека правото на ЕУ се почитува во сите земји членки, веќе отвори прекршочна процедура против Полска, но не успеа да ја спречи владата во Варшава да се откаже од спорниот закон.
Потпретседателката на Европската Комисија денеска испрати писмо во полските власти во кое бара да не го донесат закон додека не добијат мислење од Венецијанската Комисија.
-Потпретседателката Јурова ги охрабрува сите државни органи да се консултираат со Венецијанската Комисија за нацрт законот пред да продолжат со процедурите и да ги консултираат сите релевантни чинители, Европската Комисија е подготвена за конструктивен дијалог и би била благодарна да добие информации за намерите на владата, изјави портпаролот на Јурова на редовниот брифинг за новинари денеска.
Во писмото Јурова потсетува на начелата кои секоја земја членка на ЕУ мора да ги почитува, вклучително и фактот дека ЕУ правото е над националното.
-Европскиот суд за правда потсети дека принципот на примат на ЕУ правото бара од сите тела на земјите членки да му дадат целосен ефект на ЕУ правото. Националното право не смее да се користи за да се поткопа правото на ЕУ, стои во писмото.
Понатаму таа додава дека секој развој на законите мора да биде во согласност со принципите на ЕУ и да не доведе до дополнително нарушување на владеењето на правото.
Јурова потсетува дека иако земјите членки се суверени во начинот на кој го организираат домашното судство, тие се обврзани да ги почитуваат начелата на ЕУ правото, како што е независноста на судовите.