Европската Комисија го поздрави гласањето на Европскиот парламент и повикот веднаш да започнат меѓуинституционалните преговори за таа директива.
-Нашата цел со оваа реформа е да донесеме конкретни бенефити за граѓаните на ЕУ, истражувачите, наставниците, писателите, уметниците, медиумите и институциите за културно наследство и да го отвориме потенцијалот за повеќе креативност и содржина преку разјаснување на правилата, напишаа во заедничко соопштение комесерката за дигитална економија, Мариа Габриел и комесарот за дигиталниот заеднички пазар, Андрус Ансип.
Но гласањето не ги радува сите во Европската Унија. Одреден број европратеници денеска изразија големо разочарување што помина таа реформа.
Европратеничката од редовите на холандските либерали, Маритје Схаке на Твитер напиша дека ова е „најлошиот можен исход“ за реформата.
-Европарламентот ја пропушти прилика да ја врати реформата на авторските права на прав пат, ова е катастрофален резултат за заштитата на фундаменталните права, на обичните корисници на интернет и за иднината на Европа во областа на вештачката интелигенција. Направивме чекор назад наместо да создадеме вистинска реформа на авторските права адаптирана на 21 век, напиша Схаке која гласаше против оваа предлог-директива.
Критичарите сметаат дека таа реформа е закана за слободата на изразување на интернет.
Еден од големите противници на овој текст е отворената енциклопедија Википедија, која го затвори својот вебсајт во неколку земји вчера во знак на протест.
Најконтроверзните делови од реформата се амандманите 11 и 13, и двата беа прифатени денеска од страна на ЕП.
Амандманот 11 бара да се плаќа за користење на мали делови, слики, наслови и линкови од нечија содржина и е наречен „такса на линк“ од страна на противниците. Додека пак амандманот 13 бара од платформите да ги спречат корисниците да споделуваат авторски содржини.