Стивен Вулф, европратеник од Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП), беше хоспитализиран во сериозна состојба денеска во Стразбур по „препирка” на состанокот на членовите на неговата партија во Европскиот парламент, изјави Најџел Фараж, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
– Длабоко жалам што како резултат на една расправија што се случи утрово на средба на пратеници од УКИП, Стивен Вулф колабирал и беше хоспитализиран. Неговата состојба е сериозна, рече тој во изјавата.
Кавгата или препирката во која Вулф беше жртвата, дополнително сведочи за тензиите кои го потресоа УКИП. Во вторникот навечер, претседателката Дајан Џејмс, поднесе оставка само 18 дена откако го наследи Најџел Фараж.
Вулф се обидел да се кандидира за претседател на партијата на Конгресот на Бурнемут, што се одржа во септември, но неговата кандидатура поднесена предоцна, не беше прифатена. Тој тоа нарече „државен удар”.