Европарламентот бара заштита на граѓаните на ЕУ и Британија во преговорите за Брегзит

Од:

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани и координаторот на европскиот законодавен дом за Брегзит, Ги Верхофстад, уште еднаш ја нагласија потребата да се заштитат граѓаните, како реакција на почетокот на преговорите за повлекување на Велика Британија од Европската унија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, за кој било склучен договор за Брегзит ќе биде потребно одобрение од Европскиот парламент пред тој да стапи во сила.

Претседателот на Европарламентот порача дека „позицијата на Европскиот парламент е јасна“, а тоа е зачувување на правата на милиони граѓани на ЕУ што ќе бидат погодени од Брекзитот.

– Треба да ги обезбедиме постигнувањата од договорот од Велики петок за Северна Ирска и во однос на финансиските обврски од страна на британската влада, кои ќе бидат неопходни со цел Европскиот парламент да го одобри договорот за потенцијален излез. Преговорите со детали за повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската унија сега мора да започнат сериозно и очекувам тие да бидат спроведени на уреден начин и во духот на соработката, изјави Антонио Тајани.

Координаторот на Европарламентот за Брегзит, либералот Ги Верхофстад, пак, порача дека му е драго што Брисел и Лондон се држат до утврдениот распоред за преговори, кој според него е веќе „многу тесен“.

– Сега, пред се, ни е потребен напредок во областа на граѓанските права и создавање на правна сигурност за нашите луѓе и за нашите компании, истакна Верхофстад.

Во април оваа година, Европскиот парламент, со огромно мнозинство, усвои Резолуција во која ги истакнува своите приоритети и услови за преговорите за повлекување на Велика Британија од Европската унија.

Пратениците дадоа апсолутен приоритет на фер и еднаков третман за граѓаните на ЕУ и на Велика Британија, но и истакнаа дека Лондон ќе треба да ги исполни сите свои финансиски обврски, вклучувајќи ги и оние кои може да се надминат по датумот на повлекување.

Таа сума, според она што го кажа главниот преговарач на Унијата со Британците, Мишел Барние, изнесува околу 60 милијарди евра кои Британците ќе треба да му ги исплатат на Брисел за да добијат Брегзит.

Исто така, европратениците истакнаа дека четирите правила на ЕУ за слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе се неделиви и во Резолуцијата порачаа дека „секој преоден аранжман не смее да трае подолго од три години“.

Сепак, според најавите, официјалното повлекување на Обединетото Кралство од Европската унија треба да се случи во летото 2019 година, а дотогаш преговарачите треба да завршат со договарањето на сите услови за „мек“ излез на Велика Британија од Унијата.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он