По повеќето откриени афери и скандали за даночно затајување, вклучувајќи ги и последните од „Панама пајперс”, Европскиот парламент ја поддржа позицијата на Комисијата и даде зелено светло, со 590 гласови „за“, 32 гласа „против“ и 64 „воздржани“, даночните власти во ЕУ автоматски споделуваат информации за носителите на банкарските сметки, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
Новите одредби дозволуваат и ги принудуваат националните даночни власти одговорни за борбата и контролата на перењето на парите, автоматски, заедно со партнерите во другите земји-членки, да делат информации, како што се банкарски салда, приходи на интерес и дивиденди.
– Единствениот начин да се бориме против ова зло [даночно затајување] што влијае на јавните финансии, е можно само преку значителни напори во областа на транспарентноста” изјави европратеникот Емануел Морел (Франција), известувач во ЕП по ова прашање.
Врските помеѓу перењето пари и финансирањето на тероризмот, организираниот криминал и даночното затајување покажуваат дека е потребна соработка и потесна коориднација помеѓу земјите на ЕУ, се наведува во оваа резолуција.
Ажурирање на Директивата 2011/16 / ЕУ беше презентиран од страна на Европската комисија во јули 2016 година, а поддржана од страна на земјите-членки во септември. Гласањето на Парламентот сега овозможува влегување во сила на новата регулатива веднаш, што земјите-членки мора да го имплементираат до крајот на 2017 година.