Шефовите на дипломатиите на ЕУ побараа денеска итна истрага за воени злосторства врз цивили извршени во борбите меѓу провладините сили и исламистичките бунтовници во Мали.
Министерскиот совет на ЕУ кој денеска заседава во Брисел усвои заклучоци во кои се дава целосна поддршка за француската воена интервенција која има за цел да спречи исламистички и терористички групи да преземат власт во Мали.
Тие истовремено ги повикаа соседните африкански држави на Мали итно да упатат мировни сили за да се врати уставниот поредок во таа држава.
Советот изрази загриженост од извештаите дека армијата на Мали откако протерала бунтовници од Тимбукту вршила масовна одмазда врз цивили за кои се сомневале дека соработувале со исламистите. Тие побараа злосторствата да бидат итно санкционирани и поддржа најава Меѓународниот суд за воени злосторства да испрати обвинители во Мали.