По Брегзит, британските граѓани ќе можат да престојуваат во Шенген зона 90 дена без виза, под услов Велика Британија да им го обезбеди истото и на европските граѓани на нејзина територија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Кога, и ако, Велика Британија ја напушти Европската Унија, таа стануваа „трета земја“ и нејзините граѓани, согласно европското законодавство, треба или да бараат виза за влез во Шенген зоната или да бидат ослободени од визниот режим.
Вчера, Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа договор британските граѓани да бидат ослободени од визниот режим за кус престој од три месеци.
Меѓутоа, како што напомнуваат од Советот, визниот режим е заснован врз принципот на реципроцитет, што значи дека доколку Велика Британија воведе визи за граѓаните на која било земја членка на ЕУ, одлуката се отповикува и од европска страна.
– Владата на Обединетото Кралство изјави дека нема намера да бара визи од граѓаните на ЕУ кои патуваат во Обединетото Кралство за кус престој, во случај О.К. да воведе визи за државјаните на најмалку една земја членка во иднина, ќе се применува механизмот на реципроцитет, соопшти Советот на ЕУ.
Европската комисија ќе биде задолжена да врши мониторинг врз процесот за да го гарантира интегритетот на безвизниот режим.
Оваа одлука сега треба да биде и формално одобрена од страна на Европарламентот и на Советот.