Советот на Европската унија денеска ги продолжи економските санкции кон одредени сектори на руската економија до 31 јануари 2018 година, јави дописникот на МИА од Брисел.
Оваа одлука следи по извештајот на францускиот претседател Емануел Макрон и на германската канцеларка Ангела Меркел до Европскиот совет на Самитот на 22 и 23 јуни за спроведување на договорот од Минск, што го отвори патот за продолжување на санкциите кон Русија за уште шест месеци.
Советот на Унијата денеска едногласно ја формализираше оваа одлука со писмена постапка и во согласност со правилото за сите такви одлуки.
Инаку, мерките на ЕУ кон Русија беа првично воведени на 31 јули 2014 година за една година, како одговор на „активностите на Русија со кои се дестабилизира ситуацијата во Украина“. Овие санкции беа зајакнати во септември 2014 година и тие се насочени кон финансискиот, енергетскиот и одбранбениот сектор и областа на стоки со двојна употреба.
На 19 март 2015 година, Европскиот совет се согласи да го поврзе времетраењето на санкциите со целосната имплементација на договорот од Минск, што беше предвидено да се испочитува до 31 декември истата година. Бидејќи тоа не се случи и затоа што договорот од Минск не е целосно имплементиран, Советот на ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија.