Земјите-членки на ЕУ мора да го засилат својот одговор на избувнувањето на вирусот на мајмунски сипаници, порача еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес во писмото во кое денеска имаше увид ДПА.
Во писмото до министрите за здравство на ЕУ, Киријакидес повика на поголема соработка за решавање на глобалната здравствена ситуација „каде што Европската Унија е епицентарот на откриените случаи“.
Апелот до министрите за здравство од земјите-членки на Унијата доаѓа откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи дека епидемијата на мајмунски сипаници во повеќе од 50 земји е „вонредна состојба која предизвикува меѓународна загриженост“.
Потсетувајќи ги министрите за претходното искуство на почетокот на пандемијата „Ковид-19“, Киријакидес ги повика земјите од ЕУ да ги споделат податоците за случаите на мајмунски сипаници со другите земји.
Комесарката за здравство, исто така, ги повика земјите-членки на ЕУ да го засилат следењето на контактите за да се спречат потенцијална епидемија на вирусот, истовремено забрзувајќи ја работата за дистрибуција на вакцини.
Киријакидес ги охрабри земјите-членки на ЕУ да ги зголемат кампањите за јавно здравје за мајмунскии сипаници, но предупреди од ризикот од стигматизација.
Иако случаите на мајмунски сипаници се концентрирани во демографската група на мажи кои имаат секс со мажи, „оваа група не треба да биде таргетирана, виктимизирана или маргинализирана поради избувнувањето на вирусот, рече Киријакидес.
Писмото следи по најавата на Европската комисија да ја одобри вакцината Имванекс за употреба против вирусот на мајмунски сипаници во ЕУ, а потоа и во Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Болеста што се лекува се карактеризира со осип што може да изгледа како мозолчиња или плускавци. Лезиите обично прво се појавуваат на лицето пред да се формираат на други делови од телото.
Извор: МИА