По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка за надворешна политика Кетрин Ештон апелира да им се овозможи на новинарите да работат слободно, без притисоци и страв од цензура.
„Слободата на изразувањето мора да се брани подеднакво и во традиционалните медиуми и на интернет“ – порача Ештон во соопштение до медиумите, во кое им оддаде чест на на новинарите ширум светот кои се борат за вистината и покрај сите ризици.
Светскиот ден на печатот вчера се одбележа по 20-пат насекаде во светот, со цел да се подигне свеста за значењето на слободните и независни медиуми и државите да го почитуваат правото на слободно изразување на новинарите.
Во Македонија, пак, дел од интернет порталите во текот на целиот ден вчера протестираа и не објавуваа информации. Причината за тоа се опасните тенденции на новиот Закон за медиуми, кој носи ризик за создавање информативен мрак на интернет.
Петар Клинчарски