Ердоган: Само Турција може директно да преговара со Путин и Зеленски

Од:

Турција е единствената земја што може директно да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот лидер Володимир Зеленски, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека земјата останува можен домаќин за идните мировни преговори и може да обезбеди поддршка во следењето на какво било примирје меѓу завојуваните страни.

Ердоган изјави за Блумберг дека балансирањето на односите со Русија и нејзините сојузници во НАТО останува предизвик за Турција, особено откако започна војната во Украина во 2022 година.

Тој нагласи дека Турција дејствува „на избалансиран и претпазлив начин“ во енергетскиот сектор за да ги заштити националните интереси и безбедноста, со оглед на тоа што земјата увезува значителен дел од своите потреби за нафта. Тој додаде дека предложената меѓународна стабилизациска мисија во Газа би било тешко да добие легитимитет без турско учество.

„Нашата историска врска со палестинската страна, безбедносните и дипломатските канали што ги развивме со Израел и нашето влијание како членка на НАТО нè прават клучен актер за таква мисија. Нашата политичка волја е јасна, ние сме подготвени да ја преземеме одговорноста за траен мир во Газа“, рече Ердоган, според Танјуг.

Претседателот, исто така, апелираше за враќање на Турција во американската програма за борбени авиони Ф-35, што, според него, би ги зајакнало врските со САД и безбедноста на НАТО.

Ердоган рече дека лично разговарал за ова прашање со американскиот претседател Доналд Трамп и оценил дека исклучувањето на Турција од програмата поради купувањето на руски системи С-400 е „неправедно“.

Друг предизвик во односите меѓу САД и Турција, според турскиот лидер, е прашањето за Државната банка на Турција, обвинета за наводно кршење на санкциите наметнати врз Иран.

Ердоган рече дека Турција ги смета обвинувањата за неосновани и преговара за заштита на банката од „неправедни казни“.

Ердоган на крајот нагласи дека Турција дејствува во согласност со сопствените национални интереси, енергетската безбедност и меѓународните правила, а сите дипломатски и воени иницијативи се насочени кон зачувување на стабилноста во регионот, зајакнување на врските со НАТО и САД и балансирање на односите со Москва.

Би можело да ве интересира

Зеленски го отфрла повлекувањето од Донбас: Нема да се откажам од таа територија заради мир

Каспаров го откажа патувањето во Берлин по предупредувања за можен атентат: „Европа стана игралиште на Путин“

Кушнер: Путин е подготвен за мир под соодветни услови

ВИДЕО: Трамп нарече глупак новинар кој го праша до кога ќе му попушта на Путин

(ВИДЕО) Трамп: Омразата меѓу Путин и Зеленски е главната пречка за мир, Украина ќе има поинакви граници

Серија лажни дојави за бомби ги приземји европските авиони: Сомнежот е кон Путин