Турција и Русија размислуваат за зајакнување на одбранбените врски, вклучително и заеднички чекори во проекти за развој подморници и воени авиони, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, јави ДПА.
Говорејќи пред новинарите при враќањето на летот од средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, Ердоган рече дека двете земји размислуваат за понатамошен трансфер на технологија. Меѓу плановите е изградба на уште две руски нуклеарни централи во Турција и заедничка работа на платформи за лансирање ракети во вселената, информираше денеска Ердоган.
Ердоган и Путин разговараа и за подобрување на соработката во вселенските студии, а Путин предложи заедничко лансирање ракети со изградба на платформи на копно и море.
Турскиот претседател рече дека процесот на купување на системот С-400 се одвива според планот и не станува збор за отстапување. Тој додаде дека тие разговарале и за соработка во бродоградба, производство на мотори на авиони, како и во проекти за развој на подморници.
Забелешките на Ердоган доаѓаат една недела откако се пожали на влошување на односите со САД и рече дека ќе продолжи со програмата за руски ракетен одбранбен систем.
Вашингтон минатата година воведе санкции против Анкара, инаку сојузник во НАТО, поради купување на рускиот систем С-400, што САД го гледаат како закана. САД, исто така, ја суспендираа Турција од програмата за производство на борбени авиони Ф-35 и предупредија на понатамошни санкции доколку се активира системот С-400.
Ердоган рече дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден на претстојниот самит на Г20 во Рим на крајот на октомври.
На средбата, Ердоган и Путин се фокусираа и на регионални прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Сирија, Карабах во Азербејџан, Либија и Авганистан.
Ердоган рече дека војната во Сирија има негативни последици за целиот регион и дека Турција згрижила 4,5 милиони бегалци од таа земја, пренесува Анадолија. Тој рече дека Турција работи на овозможување безбедно доброволно враќање на сириските бегалци, и дополни дека повеќе од милион Сиријци веќе се вратиле, вклучувајќи 400.000 повратници во Идлиб.
– Особено го посочив присуството на терористите на ПКК/ЈПГ во Москва и му реков дека треба да ја зајакнеме солидарноста во борбата против тероризмот. На ист начин, таа организација имаше прием во Белата куќа. И тука, за жал, им се посветува внимание. Реков дека треба да ја зајакнеме солидарноста во борбата против тероризмот, рече Ердоган за средбата со Путин.