Европскиот Парламент повторно ги повика земјите од ЕУ да ги исполнат своите обврски за прифаќање на лицата кои бараат азил од Грција и Италија, а приоритет да им се даде на малолетниците и лицата без придружба, соопшти прес-службата на ЕП.
Финска и Малта се единствените држави, што се на пат да ги исполнат поставените цели.
Пратениците оценија дека ЕК треба да размисли за процедури во случаи на прекршување на обврските и дека мерките за преместување треба да се продолжат до реформирање на системот од Даблин.
Европратениците го осудија фактот дека и покрај спогодбата за префрлање на 160.000 бегалци од Грција и Италија до септември 2017 година, до овој момент државите членки преземале само 11 отсто од нивниот вкупен број или до 16 мај само 18.770 лица. Тие за разочарувачки го сметаат недостигот на солидарност и споделување на одговорноста.
Во резолуција, што беше усвоена со 398 гласа „за“, 134 „против“ и 41 „воздржан“, Парламентот ги повикува државите членки да ги исполнат своите обврски и приоритет да му дадат на преместувањето на децата без семејства и на други ранливи категории лица. Европратениците посочија дека во овој момент само едно малолетно лице било преместено.
Европратениците критикуваа повеќе држави членки за ограничувачките и дискриминаторски преференции, како на пример, преместување само на самохрани мајки или исклучување на азиланти од определени националности, како Еритрејците, како и примена на преголеми и сопфатни безбедносни проверки.
Повеќето земји се уште ги заобиколуваат поставените цели за прием на мигранти. Четири држави пруфатиле исклучително мал број лица кои бараат азил, а други две се уште не ни почнале со процедурата.
Парламентот јасно порача дека дури доколку земјите членки до септември не ги постигнат поставените цели за преместување на бегалците, тие ќе треба да продолжат да ги прифаќаат лицата кои одговараат на условите за прифат.
Европратениците предлагаат продолжување на рокот за распределување на бегалците до прифаќањето на нова спогодба на местото на Даблинската.