Претставниците на Европскиот парламент денеска ќе гласаат за именување на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија.
Доколку Фон дер Лајен ја добие поддршката од Парламентот, веднаш ќе почне процесот за формирање нов состав на Комисијата. Во спротивно, Европскиот совет има еден месец да му достави на Парламентот нов предлог за кандидат за највисоката функција во ЕУ.
Германската министерка за одбрана Фон дер Лајен денеска во 9 часот ќе ја претстави својата програма на пленарна седница на Европскиот парламент во Стразбур. Таа ќе одговара на прашања на лидерите на политичките партии, а предвидена е и дебата на европските пратеници за нејзиното именување и програма.
Гласањето ќе биде тајно во 18 часот.
За да биде избрана за претседател на Европската комисија Фон дер Лајен мора да добие доверба од 751 пратеник во ЕП.
Европската народна партија од чии редови доаѓа таа, воедно и најбројната политичка партија во Европскиот парламент, ја најави својата поддршка за Фон дер Лајен.
Социјалдемократите и либералите чекаат да видат дали Фон дер Лајен ќе ги поддржи нивните барања кои се однесуваат на програмската политика, но и на составот на новата Европска комисија. Зелените и крајната левица најавија дека ќе гласаат против.
Кандидатката за претседател на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера најави дека ќе поднесе оставка на фунцкијата министер за одбрана на Германија, без разлика на исходот од денешното гласање во Европскиот парламент, а канцеларката Ангела Меркел изјави дека ја почитива нејзината одлука.
– Ќе побарам доверба од Европскиот парламент. Без разлика на исходот од гласањето, во среда ќе се повлечам од местото министер за одбрана, за со сета сила да и служам на Европа, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Меркел кажа дека е јасно дека Фон дер Лајен ја донела одлуката за новата фаза од својот живот и дека таа тоа ќе го почитува.
Канцеларката додаде дека останува да се види и како ќе заврши очекуваното тесно изјаснување во Европскиот парламент, но и тоа кој ќе биде нов германски министер за одбрана.