Марија Мајер и Лудвиг Гиш се преселиле во Љубљана со своите две мали деца во 2017 година.
Луѓето кои ги запознале ги сакале. Дојденците од Латинска Америка биле пријателски настроени, но не и агресивни, објави „Гардијан“.
Мајер отвори онлајн уметничка галерија, додека Гиш водеше ИТ стартап.
Тие им кажаа на пријателите дека стравот од уличниот криминал дома во Аргентина ги поттикна да се преселат во Европа.
Соседите изјавија дека луѓето кои живеат во бројот 35 се обично семејство, рекоа и дека често се слушаат деца како си играат во дворот, зборејќи на шпански.
Затоа, тие беа шокирани кога на почетокот на декември Мајер и Гиш беа мета на една од најмистериозните полициски и разузнавачки операции во поновата историја на Словенија.
Полицајците упаднале во куќата, го уапсиле брачниот пар и нивните две деца ги однеле во социјалната служба.
Според извор запознаен со истрагата, во куќата била пронајдена огромна сума пари.
Кон крајот на јануари, словенечките медиуми објавија за апсењето, поврзувајќи го со руското разузнавање.
Извори од Љубљана за „Гардијан“ оваа недела изјавија дека „Марија и Лудвиг“ се всушност елитни руски шпиони познати како „илегалци“.
Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, во четвртокот ги потврди тие тврдења, велејќи за новинарите дека уапсениот пар всушност биле руски државјани, а не Аргентинци..
За разлика од „легалните“ руски разузнавачи, кои се маскирани во дипломати, илегалците работат без видливи врски со Москва, пишува весникот.
Тие се обучени со години да се претставуваат како странци, а потоа се испраќаат во странство да собираат разузнавачки информации.
Многумина имаат деца, кои биле воспитани без поим дека нивните родители се навистина Руси.
„Осомничените се членови на странската разузнавачка служба, кои користеле незаконски стекнати странски лични документи за да живеат и работат во Словенија под лажен идентитет и тајно собирале податоци“, изјави портпаролот на полицијата Драго Менегалија.
Неименуван извор со сознанија за случајот рече дека во неформалните разговори по апсењата, Москва брзо признала дека биле шпиони.
Иако се во тек подготовките за судењето во Словенија, меѓу Москва и западните земји се водат преговори зад сцената за нивна размена за лице или лица кои моментално се во затвор во Русија.
Еден од изворите рече дека парот малку зборувал додека бил во притвор.
„Очигледно е дека се професионалци. Тие не разговараат“, изјави неименуваниот извор, додавајќи дека преговорите за размена се одвиваат на високо ниво.
„Сега ќе видиме колку навистина се важни овие луѓе за Русија. Ова сега е голема игра, јасно е дека Словенија е само посредник овде“, рече тој.