Суд во Еквадор синоќа ја поништи одлуката на владејачката партија „Алијанса ПАИС“ да го отстрани од претседателската функција во партијата, претседателот на државата Ленин Морено.
Извршниот комитет на партијата во вторникот објави дека го разрешува 64-годишен Морено од функцијата, бидејќи не присуствувал на седници на Комитетот.
Аналитичари наведуваат дека вистинската причина е внатрепартиската борба меѓу Морено и Рафаел Кореа, претходен претседател на државата.
Судот во Кито одлучи дека претседателот на „Алијанса ПАИС“ може да биде отстранет само на партиски конгрес.
За десетте години на власт Рафаел Кореа ја водеше левичарската „граѓанска револуција“ против сиромаштијата. Според Светска банка, 23 отсто од 16-милонското население на Еквадор живее во сиромаштија.