Експлозијата близу телефонска говорница во центарот на Прага, која се случи синоќа, при што една девојка е полесно повредена, била предизвикана од неправилно ракување со забавно пиротехничко средство, соопшти полицијата која трага по сторителите.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, чешкиот министер за внатрешни работи Милан Хованец на социјалната мрежа Твитер напиша дека настанот не е терористички чин.
Во Чешка се воведени безбедносни мерки, по неодамнешниот терористички напад на божиќниот панаѓур во Берлин, во кој загинаа 12 лица, а неколку десетици беа повредени.
Според Хованец, специјалните мерки за заштита на електраните или местата каде се собираат голем број луѓе, ќе останат да важат минимално до на пролет идната година.