Зигфрид Беер, експерт за разузнавачки служби од Грац очекува дека во тек на оваа година ќе биде извршена терористичка акција и на тлото на Австрија.
-Имајќи го во предвид нискиот буџет, човечките ресурси и правните можности, речиси е изненадувачки како функцинираат домашните разузнавачки служби. И покрај тоа сметам дека во 2015 година ќе има напад- истакна тој во изјава за виенскиот весник „Курир“.
Тој смета дека е потребно да се спроведе персонална и структурна реформа и со години бара измена во Службата за обезбедување на уставноста и борбата против тероризмот како и во разузнавачките служби во Австрија.
За разлика од Австрија, каде што е присутна тенденција на затвореност, државите како Велика Британија имаат пракса во работата на своите служби да вклучуваат научници и експерти, а потоа да ги вратат на цивилни работи.
-Таа размена помеѓу полицајците и експертите е од голема важност- предупреди австрискиот експерт и додаде дека за време на Студената војна на ЦИА и било важно да има експертиза за Русија, а дека денес се потребни луѓе од потполно други области, односно оние кои имаат познавање од арапската култура и јазик.
Австрија има проблем со повратниците од џихад, бидејќи од државата во редовите на ИСИС во Сирија и Ирак заминаа околу 160 лица, од кои шеесетина се вратиле, кои според проценка на безбедносните служби, претставуваат потенцијална закана, поради што се под надзор.
Е. Г.