Европската комисија денеска соопшти дека е подготвена на секаков развој на настаните во врска со преговорите со Велика Британија за договорот за Брегзит.
– Работиме на постигнување договор. Сите сили се насочени кон тоа. Потребни ни се амбиент и смиреност за да продолжиме со работа, изјави портпаролот на Комисијата, Маргаритас Схинас.
Тој ниту ги потврди, ниту ги негираше информациите дека на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел им биле доставени планови на Европската комсија за евентуално завршивање на преговорите со Лондон без постигнување договор за Брегзит.
Схинас истакна дека Брисел не ги занемарува подготовките за истапувањето на Велика Британија на ЕУ и дека е подготвен во ноемеври да биде свикан вонреден Самит на Унијата посветен на „британското прашање“.
Германската канцеларка Ангела Меркел во вторникот и порача на Велика Британија треба да донесе одлука што точно сака од преговорите за Брегзит.
Според Меркел, на Брисел и Лондон им претстојат шест до осум недели напорна работа за евентуално постигнување на договор во текот на октомври за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.
– Економијата сака јасни позиции. Најважно е што всушност сака Велика Британија. Досега дискусиите не беа многу јасни, оцени Меркел.
Таа одново ја предупреди Владата во Лондон дека не може да прифаќа само она што и одговара од заедничкиот пазар на ЕУ.
– Не можеш да бидеш дел од еден единствент пазар, само во една сфера, но не и во останатите три, нагласи Меркел.
Германската канцеларка оцени дека идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ треба да бидат регулирани на „што е можно најкоректен начин“, бидејќи ако тие се премногу општи, утврдениот предоден период од 21 месец нема да биде доволен за постигнување целосен трговски договор.