Европската комисија денеска ја презентираше „кутијата на алатки“, односно мерките, кои се потребни за да се обезбеди сигурна 5Г мрежа во Европската Унија и да се намалат потенцијалните ризици.
Алатките што ги нуди Европската Комисија се изработени врз основа на забелешките и проценките за ризици на самите земји членки на Европската Унија, ЕК повикува клучните черки да се спроведат до 30 април оваа година.
-Можеме да направиме големи работи со 5Г. Технологијата поддржува персонализирана медицина, прецизни земјоделски и електрични мрежи кои можат да интегрираат секаков вид на обновлива енергија. Ова ќе направи голема разлика, но само ако нашите мрежи бидат безбедни. Само тогаш дигиталните промени ќе бидат од корист за сите граѓани, изјави потпретседателката на Европската комисија, Маргарет Вестагер.
Европската комисија инсистира дека алатките што се презентираат се важни за земјите членки од блиску да се координираат во имплементирањето на 5Г технологијата.
Оваа технологија се проценува дека би требало да генерира околу 225 милијарди евра профит ширум ЕУ и е од клучна важност за конкурентноста на Унијата на глобалната сцена, но граѓаните на ЕУ како и владите се загрижени за безбедноста, посебно со оглед на тоа дека највисок степен на развој во оваа технологија има кинеската компанија Хуавеи.
5Г технологијата ќе овозможи многу побрза конекција, конектирани предмети, но и поголема зависност од софтвери, поголема потреба од антени и побројни агли за напад од потенцијални хакери.
Според Евробарометарот кој го мери јавното мнение на европски граѓани, сајбер нападите претставуваат преокупација за повеќе од половина од населението на ЕУ, страв кој го делат и експертите кои предупредуваат дека софистицираноста на хакерите расте, додека сѐ повеќе клучни служби и институции ќе зависат од новата технологија.
-Европа има сѐ за да ја води технолошката трка. Дали преку развојот или имплементирањето на 5Г технологија, нашата индустрија е веќе напредна. Денеска ги опремуваме земјите членки на ЕУ, телеком операторите и корисниците со алатките кои ќе ја заштитат европската инфраструктура со највисоките безбедносни стандарди, изјави еврокомесарот за внатрешниот пазар, Тиери Бретон.
Алатките на Европската Комисија предвидуваат, меѓу другото, добра процена на ризикот на набавувачите и нагласува дека се потребни рестрикции за оние набавувачи кои претставуваат ризичен профил. Европската Комисија смета и дека е потребно да се спроведат мерки за да се обезбеди диверзификација на продавачите и со тоа максимално да се намали зависноста од мал број оператори.
Европската комисија не одлучува за специфични безбедносни мерки во земјите членки, кои остануваат целосно суверени во оваа одлука, но предупредува дека колективната работа во оваа област е критична за безбедноста на мрежата.
Хуавеи од своја страна ја поздрави иницијативата на Европската Комисија која “му овозможува на Хуавеи да продолжи да учествува во распоредувањето на европската 5Г мрежа“.
Според кинеската фирма алатките понудени од ЕК се “непристрасни и базирани на факти“.