На Едвард Сноуден, заедно со други четворица, на денешната церемонија во шведскиот Парламент, му беше доделена шведската награда за човекови права.
Сноуден не присуствуваше на церемонијата бидејќи американските власти имаат распишано потерница по него поради шпионажа. Тој објави програми што ги користеше американската Национална безбедносна агенција (НСА) за собирање на податоци отелефони и од интернет.
– Сноуден не присуствува бидејќи е ризично да ја напушти Русија во овој момент, изјави основачот на наградата Јакоб фон Јукскул.
Сноуден е добитник на така наречената „алтернативна Нобелова награда“ заедно со Алан Русбриџер, уредник во британскиот весник „Гардијан“. Русбриџер имаше клучна улога за објавувањето на материјалите на Сноуден.
Тројцата други добитници добија по 500.000 круни (69.676 долари) за поддршка на нивната работа за заштита на човековите права и борбата со климатските промени.