Комета од надворешните пространства на Сончевиот систем во неделата околу 19 часот по македонско време направи многу ретко блиско минување покрај Марс каде што нејзиниот прелет го следеше цела флотила роботизирани сонди.
Кометата Сидинг Спринг (Siding Spring) минала со брзина од 203 илјади километри на час на само 140 илјади километри од Марс, што е помалку од половина од растојанието меѓу Земјата и Месечината и 10 пати поблиску отколку што кое и да друго вселенско тело досега минало крај Земјата, соопшти американската агенција за вселенски истражувања NASA.
Агенцијата првично изрази загриженост дека опашката на кометата може да претставува опасноста за вселенските летала при нејзиното приближување кон Марс. Меѓутоа, подоцна ваквите стравувања беа отстранети, но за секој случај NASA ги распореди сателитските орбити, така што леталата стоеја зад планетата. Атмосферата на Марс, исто така, помогна да се засолнат сателитите од метеорскиот дожд предизвикан од опашката на кометата.
Кометата, којашто го доби името според австралиската опсерваторија која ја откри минатата 2013 година, како што се верува, првпат навлегува во внатрешните пространства на Сончевиот систем откако го напуштила хипотетичкиот Оортов облак сместен зад орбитата на Нептун пред повеќе од милион години.
Кометите според научниците се смрзнати остатоци преостанати по формирање на соларниот систем пред околу 4,6 милијарди години
„Оваа комета лета кон Сонцето, додека и’ расте опашката“, напиша астрономот Дејвид Гринспун од институтот за Планетарни науки од Тускон во американската сојузна држава Аризона во текот на прелетот на кометата.
Се очекува дека трите марсовски орбитера на NASA и двата ровера, како и орбитерите на Европската вселенска агенција (ESA) и на Индија го забележале приоѓањето и минувањето на кометата крај Црвената планета.