Единствено Русија има „средства, мотиви и репутација“ за извршување на нападот со нервен агенс врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, изјави денеска шефот на британската дипломатија Борис Џонсон.
– Нема никакви сомнежи што е користено и нема друго објаснување за тоа кој е одговорен. Единствено Русија има средства, мотиви и репутација за тоа, изјави Џонсон.
Тој најави дека на барање на Велика Британија за 18 април е свикана седница на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) на која ќе се расправа за идните чекори во врска со случајот Скрипал.
ОПЦВ денеска соопшти дека Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија биле затруени со нервен агенс.
– Британските анализи дека Сергеј Скрипал бил затруен со нервен агенс се потврдија како точни, нагласи ОПЦВ, без да посочи за каква супстанца се работи.
Велика Британија претходно обвини дека Скрипал и неговата ќерка на 4 март во англискиот град Салисбери биле затруени со рускиот боев гас „Новичок“. За нападот властите во Лондон ја обвинија Русија, која отфрла какви и да било поврзаност со случајот.
ОПВЦ во денешното соопштение потенцира дека анализите што ги извршиле нејзините експерти на местото на настанот и на биомедицинските примероци потврдиле дека станува збор за хемиска супстанца.
– Хемискалијата била со голема чистота, со речиси целосно отсуство на нечистотии, се додава во соопштението на ОПЦВ.