Џонсон: Лондон разгледува вклучување во воздушните напади во Сирија

Од:

Велика Британија би разгледала план за вклучување во воздушните напади што ги извршуваат САД врз сириските владини сили, доколку бидат најдени докази дека властите во Дамаск користеле хемиско оружје против цивилите, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.

– Доколку утврдиме дека тоа се случило и ако можеме да го докажеме тоа и доколку добиеме предлог за акција во кој Велика Британија би можела да биде корисна, мислам дека сериозно ќе го разгледаме, изјави Џонсон за Би-Би-Си.

Сириските бунтовници вчера соопштија дека едно дете загинало а 13 други се соочиле со проблеми при дишењето по напад со хлор извршен во неделата од страна на сириските владини сили во реонот на источна Гута, кој е под контрола на бунтовничките борци.

Наводниот напад со хемиско оружје во Источна Гута вчера го осуди и Белата куќа, при што оцени дека користењето на хлорот како оружје само дополнително ја влошува ситуацијата во Сирија.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров меѓутоа ваквите обвинувања за нов хемиски напад ги оцени како провокација.

Обвинувањата за извршен хемиски напад врз последното упориште на сириските бунтовници во близината на Дамаск, дојдоа откако Советот за безбедност на ОН во саботата усвои Резолуција за прогласување на 30-дневен прекин на огнот со Сирија од хуманитарни причини.

Меѓутоа, според интерпретацијата на Русија и на Иран, кои се главни сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад, примирјето не се однесува на бунтовничките групи во Источна Гута, односно на Џебхат ал Нусра и за Исламската држава.

Сепак и покрај ваквиот став на Москва, по наредба на рускиот претседател Владимир Путин од денеска во Источна Гута се воведува секојдневен петчасовен хуманитарен прекин на огнот. Прекинот на огнот е со цел да се избегнат цивилни жртви. За извлекување на цивилите од Источна Гута предвидено е да биде отворен хуманитарен коридор.

Сириската опозиција рускиот предлог за секојдневно петчасовно хуманитарно примирје во Источна Гута го оцени како искривување на резолуцијата на ОН.

Првото петчасовно хуманитарно примирје почна денеска од девет до 14 часот по локално време, но Русија веднаш ги обвини сириските бунтовници дека го гранатираат хуманитарниот коридор за евакуација на цивилите од Источна Гута.

Сириската државна новинска агенција САНА јави дека борци на поранешниот огранок на Ал Каеда во Сирија, Џебхат ал Нусра (Фронт на победата) стрелале врз хуманитарниот коридор. Во инцидентот нема настрадани лица.

Џаиш ал Ислам (Армија на исламот) една од главните бунтовнички групи во Источна Гута, негираше дека има напади врз хуманитарниот коридор и оти се спречуваат цивилите да заминат од енклавата.

Источна Гута е предградие на Дамаск, кое од 2013 година е под контрола на бунтовниците. На оваа територија, опколена од владините сили, живеат околу 400.000 лица. По интензивирањето на нападите на владините сили врз Источна Гута минатата недела загинаа над 500 луѓе.

Би можело да ве интересира

Монд: Франција и Велика Британија ја разгледуваат можноста за заедничко испраќање војници во Украина

ВИДЕО: Невремето „Берт“ ја однесе првата жртва во Британија, илјадници без струја во Ирска

Катерина Ѓуровски

Рускиот амбасадор во Лондон ја обвини Британија за вмешаност во војната во Украина

Горан Наумовски

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

Елизабет Трас: Ни треба британски Трамп

А1он