Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден и неговата сопруга Џил, во честитките по повод Денот на благодарноста, укажаа на загубите што ги претрпеа многу граѓани поради пандемијата на коронавирусот.
„Оваа година многу маси низ целата земја ќе имаат празни места. Сепак, како и вашите, и нашето семејство ќе се држи до најважните традиции и ќе одвои момент да се сети на се за што сме благодарни“, наведе двојката во воведникот на американскиот канал Си-Ен-Ен, а пренесен од „Гласот на Америка“.
Денот на благодарноста годинава се слави во САД во околности во кои до вчера Ковид-19 им беше потврден на вкупно 12.780.000 лица, додека 262.000 лица веќе умреа како резултат на болеста, се гледа од податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.
И покрај предупредувањата од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), милиони граѓани за време на празниците патуваа низ целата земја за да ги посетат своите семејства. Експертите очекуваат дека ова ќе придонесе за уште посилно ширење на вирусот.
Бајден, претходно, во средата, ги повика граѓаните да ги збијат редовите, уверувајќи ги истовремено дека Америка нема да ја изгуби војната против Ковид-19.
Тој најави дека првите вакцини против коронавирусот може да бидат достапни до крајот на декември, ветувајќи дека целото американско население ќе биде вакцинирано што е можно поскоро.
Тој ги повика граѓаните да се воздржат од патувања, посочувајќи дека и тој е навикнат на големите семејни собирања по повод Денот на благодарноста.
„Но, оваа година одморот го поминувам само со сопругата, нашата ќерка и нејзиниот сопруг“, рече Бајден.