Во Италија и во уште неколку други западни држави денеска е „премиерата“ на две книги посветени на Ватикан во кои содржината е – несоодветно управување со финансии на Ватикан.
Првата книга е Via Crucis (во превод – Патот на Крстот) на новинарот Џанлуиџи Нуци од Медиасет на Силвио Берлускони. Англискиот превод на книгата е со наслов – Merchants in the Temple. Втората книга е на новинарот Емилијано Фитипалди од неделникот Еспресо и се вика Avarizia (во превод – Алчност).
Во двете книги се тврди дека донации за Светата столица за најсиромашните, не биле доставувани за помош. Кардинали живееле во станови од 500 метри квадратни, дупки во буџетот на Ватиканскиот супермаркет и на Ватиканската аптека од 700.000 односно 300.000 евра, се само дел од откритијата во двете книги.
Нуци наведува во својата книга дека во 2013 година папата Франциско имал седница зад затворени врати на која искажал загриженост поради расходите на Ватикан наведувајќи дека се без контрола и оти имало 30-отсто зголемување на ватиканскиот персонал за пет години.
Фитипалди во книгата објавува дека во 2012 година тогашниот ватикански државен секретар Тарчизио Бертоне потрошил 23.800 евра за патување со хеликоптер додека пак, верска фондација платила 220.000 долари за реновирање на стан на Бертоне, објави Вашингтон пост.
Откритијата во книгите се врз основа на мноштво документи предадени на авторите од анонимни извори. Меѓу нив се и документи и доверливи материјали на веќе непостоечката Ватиканска комисија.
По додаѓањето на чело на Римокатоличката црква папата Франциско формираше комисија наречена Комисија за преглед и реорганизација на адмнистративно-економските структури на Светата столица (КОСЕА). Таа требаше да даде предлози за економски реформи во Ватикан.
Тие имаа пристап до тајни податоци и по доставувањето на извештајот до папата, Комисијата беше расформирана лани. Дел од тие наводи на Комисијата се вметнати во книгата на Нуци.
Така на пример, од секои десет евра во Фондот за донации за Свети Петар (фонд во кој донации се од епархии од целиот свет и чии суми се за активностите на Светата столица и во корист на најсиромашните), 6 евра се користеле за оздравување на финансиите на Куријата, 2 евра во сметка за финансиски резерви и две евра за сиромашните, се наведува во книгата на Нуци.
Во неа се вели и дека де факто, од средсвата за сиромашните 400 милиони евра биле предадени за потребите на Куријата.
Во книгата на Фитипалди се вели дека врз основа на документи, Ватикан има имот вреден четири милијарди евра.
Имено, во Париз француска фирма контролирана од Управата за недвижен имот на Светата столица, има некои од најпрестижните имоти – меѓу нив и станови и деловни објекти во квартот Монпарнас и во историскиот центар на Париз.
Ватикан имал и недвижен имот и од половина Европа од Женева до Лондон со кој управуваат десетина швајцарски фирми.
Двете книги се појавуваат денови откако во Ватикан беа уапсени наводни извори на изнесените информации за книгите – шпанскиот прелат монсењор Лусио Анхел Вајехо Балда и Италијанката Франческа Имаколата Чаукуи.
Апсењата беа во изминатиот викенд.
Чаукуи беше ослободена бидејќи соработувала со истрагата. Балда беше секретар во КОСЕА и имено тој ја назначил Чаукуи во Комисијата.
Минатата година двајцата навлекоа бес на папата Франциско.
Откако Јован Павле Втори беше прогласен за светец, тие организираа голем прием за 150 одбрани гости. Тогаш според очевидци, Чаукуи се однесувала несоодветно како домаќин на Ватикан и тоа го налутило папата кој повикува верниците да пројавата повеќе скромност кон сиромашните.
Истата година папата формираше нов орган – секретаријат за економски прашања на Ватикан и за негов шеф беше номиниран австралискиот кардинал Џорџ Пел.
Се очекуваше негов заменик да биде Вајехо Балда, но тоа не се случи. Тоа можно е да било мотив за Чаукуи и Балда (откако останале без функции) да извадат на виделина до авторите на книгите доверливи документи на КОСЕА.
Според шпанското католичко интернет издание Релихион дихитал, ватиканската жандармерија врши истрага и спрема сопругот на Чаукуи, Корандо Ланино, експерт за информатика кој помогнал во креирање внатрешна интернет мрежа на Ватикан.