На две недели пред изборите, Трамп е во офанзива, но Бајден има предност во анкетите

Од:

Двајцата претседателски кандидати, републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден, ги интензивираа кампањитe со митинзи и настапи во пресрет на изборите на 3 ноември.

На настапите вчера во Невада, Трамп го нападна Бајден со прогноза за „голема депресија“ во случај на негова победа.

-Гласањето ќе биде избор меѓу супер оздравување на земјата и депресија на Бајден, рече тој во Лас Вегас.

Тој исто така ги окарактеризира претстоечките избори како избор „меѓу сигурни граници и отсуство на граници, меѓу поддршка за полицијата и стопирање на финансиите за неа, меѓу добивање на вакцина во рекордно време за победа над вирусот и затворање на Америка од Бајден за убиство на економијата“.

Трамп исто така истакна дека ако неговиот опонент дојде на власт ќе ги покачи даноците, и го опиша како „најдосадниот човек на светот“. Актуалниот претседател викендов оддржа митинзи уште и во Мичиген, Висконсин и Калифорнија, на големи собири на отворено, претежно на аеродромски писти, но медиумите прикажуваа слики на толпи луѓе без маски.

Бајден, пак, во саботата намина во својот дом во Делавер и направи пауза, а во неделата беше на црква, а потоа замина да митингува само во Северна Каролина.

Сепак, и покрај активната кампања и обидите да придобие гласови во руралните подрачја на САД, Трамп во анкетите е зад Бајден.

Анкета на Си-би-ес, укажува дека Бајден води во две клучни „фронтови држави“, во Висконсин со седум проценти и резултат 51 отсто наспроти 41 отсто, држава во која победи во 2016 година. Тој исто така води и во типично републиканската Аризона (50:47), каде последниот демократ кој таму победил бил Бил Клинтон во 1996 година.

Во меѓувреме, продолжува и предвременото гласање. До вчера, повеќе од 27 милиони Американци гласале лично или по пошта, рекорд во историјата на САД, покажувајќи колку пандемијата го смени политичкиот пејзаж на земјата и колку избирачите се политички наелектризирани.

Следната дебата меѓу Трамп и Бајден е неделава в четврток, и многумина предупредуваат дека однесувањето на кандидатите на оваа, трета и последна дебата, пред сѐ на актуелниот претседател, ќе придонесе многу во конечниот резултат на изборите.

Порталот Аксиос дозна дека дебатните советници на Трамп му препорачале да не врши такви упади и прекини во говорот на Бајден како на првата дебата, и да го остави да зборува.

– Не го спасувајте. На Бајден ќе му залута мислата, самиот ќе се препне и ќе почне да мрмори, го советувале Трамп, пренес Аксиос.

Се додава дека советнците му кажале на Трамп „сѐ што треба да направиш е да им дадеш дозвола на луѓето да гласаат за тебе“, како на дебатата со неговата противкандидатка, Хилари Клинтон, во 2016 година.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија