Двајца напаѓачи се убиени, а осум се ранети во напад, извршен врз воена база во Венецуела, соопшти синоќа венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Главниот командант на Вооружените сили генерал Хесус Суарес претходно изјави дека е убиено едно лице при напад врз базата во Валенсија, во североисточна Венецуела.
Според Мадуро, десет мажи избегале по спречениот напад врз базата и властите трагаат по нив.
Мадуро изјави дека дваесетина мажи упаднале во базата Парамакај, малку по четири часот изутрината по локално време.
Тие ја изненадиле ноќната стража и влегле во склад за оружје. Претседателот изјави дека војниците околу осум часот влегле во судир со напаѓачите, од кои десетмина успеале да избегаат, двајца биле смртно погодени, еден бил ранет и седуммина фатени.
Само еден од напаѓачите е офицер, кој дезертирал пред неколку месеци.
Мадуро тврди дека нападот бил платен од лидери на антивладини групи во Мајами и Колумбија.