Илјадници Венецуелци стојат во редови пред канцелариите на Државната изборна комисија во Каракас и во другите градови за проверка на нивните потписи, ставени на петицијата со која се бара референдум за смена на претседателот Николас Мадуро од функцијата.
На почетокот од минатиот месец опозицијата соопшти дека се собрани речиси два милиона потписи, многу повеќе отколку што е потребно, за продолжување на постапката околу референдумот, но изборната комисија соопшти дека 600.000 од потписите се „невалидни и лажни“.
Комисијата, која е под контрола на владата и му е лојална на претседателот Мадуро, а не на парламентот, каде големо мнозинство има опозицијата, наложи до крајот на оваа недела да се провери валидноста на потписите.
Проверката започна вчера и веќе на првиот ден потврдена е валидноста на повеќе од 71.000 потписи.
Според Уставот на земјата, потребни се потписите на само еден отсто од запишаните гласачи или 194.000, за да продолжи постапката за референдумот во втората фаза.
Лидерот на опозицијата, Енрике Каприлес, изјави дека високиот број на потврдени потписи само на првиот ден покажува дека многу брзо ќе се собере потребниот број за референдумот против Мадуро.
– Ова што се случува е знак дека Венецуела сака промени на владата и дека му се испраќа предупредување на Мадуро – изјави Каприлес.
Опозицијата го обвинува претседателот Мадуро дека со водењето социјалистичка економија и популистичка политика за додворување на гласачите, Венецуела, иако богата со нафта, се најде во тешка криза, со највисока инфлација во светот и со недостиг на храна и на други основни потреби за населението.
Мадуро и неговите министри се оправдуваат дека кризата е последица на „надворешен заговор“ и на обид на „домашната буржоазија“ да ја дестабилизира земјата.