Ирска најверојатно ќе прифати измени во глобалните даночни прописи за корпорациите доколку добие сигурни гаранции дека нејзините забелешки ќе бидат прифатени, изјави денеска ирскиот министер за финансии Паскал Донахју.
За многу мултинационални компании Ирска функционира како европски даночен рај и до сега го одбегнуваше договорот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), што предвидува воведување глобална минимална даночна стапка за компаниите од најмалку 15 проценти.
Договорот под покровителство на ОЕЦД досега го потпишаа нешто повеќе од 130 земји, од вкупно 139 вклучени во преговорите.
Ирска, од друга страна, ја критикува предложената минимална стапка од најмалку 15 проценти, тврдејќи дека терминот „барем“ ја поткопува сигурноста што им ја гарантираше на компаниите со децении во донесување долгорочни одлуки за инвестиции.
Даблин ги оданочува профитите на компаниите со стапка од само 12,5 проценти, што во оваа земја ги привлече гигантите како Гугл, Фејсбук и Епл. Британските медиуми јавуваат дека странските мултинационални компании денеска директно вработуваат десетина ирски работници.
-Доколку се гарантира безбедноста и стабилноста, мислам дека ќе работиме за Ирска да се приклучи кон договорот. Ако не, ние ќе опстоиме на нашата досегашна позиција, рече ирскиот министер за финансии.
Тој додаде дека ирската Влада својот став за договорот ќе го каже на состанокот на ОЕЦД на 8 октомври.
Освен Ирска, уште Естонија и Унгарија од ЕУ се уште не го поддржаа договорот, забележуваат британските медиуми, додавајќи дека воздржаните девет земји не можат да ги блокираат предложените измени.