Чешките пратеници денеска го изгласаа Предлог-законот за забрана на пушење и ќе биде разгледуван од Горниот дом – Сенатот, јави дописникот на МИА од Прага.
Чешкиот премиер Бохуслав Соботка изјавувајќи дека очекува „бурна” дебата од сенаторите, го оцени денешното прифаќање на Предлог – законот во Парламентот како победа на заштитата на здравјето на луѓето над комерцијалните интереси, додавајќи дека на тој начин Чешка се вбројува во цивилизираните земји.
Министерот за здравство Милослав Лудвик рече дека очекува да преовлада „здравиот разум” и кај сенторите и дека ќе го донесат Законот за забрана за пушење.
Предлог-законот беше разгледуван од Парламентот и пред две години, но тогаш не беше прифатен од мнозинството пратеници. Законот предвидува забрана за пушење во чешките угостителски објекти од крајот на мај идната година, со исклучок на наргиле и електронските цигари.
Досега во рестораните во Чешка се дозволуваше пушење во посебен дел од објектот, кој не беше физички одделен како посебна просторија.