Додека Саудиска Арабија и Иран меѓусебно се обвинуваат, САД соопшти дека се подготвени да ги заштитат сопствените интереси и интересите на сојузниците во Персиски Залив.
Потпретседател на САД, Мајк Пенс изјави дека американската армија е подготвена да одговори на нападите врз саудиските нафтени објекти.
– САД се подготвени да преземат каква било акција што е потребна за да ја одбраниме нашата држава, воените трупи и сојузниците во Заливот. Можете да сметате на тоа, изјави денеска Пенс во Вашингтон.
Тој додаде дека напад врз сојузници на Американците и светската испорака на нафта ќе доживее неуспех.
Потпретседателот на САД нагласи дека Иран ќе доживее неуспех ако го извршил тој напад за да изврши притисок врз претседателот Доналд Трамп и за да го натера да се повлече.
За нападот врз саудиските нафтените постројки конечно се огласи и Ријад, кој тврди дека зад саботните нападите стои Иран.
– Речиси сигурно нападот е извршен со поддршка од Иран, изјави принцот Калиф бин Бандер бин Султан ал Сауд, амбасадор на Саудиска Арабија во Лондон.
Тој додаде дека Саудиска Арабија не сака избрзано да реагира, бидејќи нови конфликти не му се потребни на регионот.
Одговорноста за нападот врз саудиските рафинерии ја презедоа јеменските бунтовници Хути, а Иран негира вмешаност и денеска официјално го предупреди Вашингтон дека ќе одговори на евентуален напад.
Иранскиот одговор на евентуален воен напад нема да биде ограничен на неговиот извор, порача Техеран во официјална дипломатска нота упатена до Вашингтон.
Во службената нота која на САД и е испратена преку Амбасадата на Швајцарија во Техеран, Иран повтори дека не стои зад нападот на нафтената постројка во Саудиска Арабија.
Техеран упати и предупредување дека секој чекор на САД кон Иран ќе има директна реакција.
Саудиска Арабија и Иран се повеќегодишни ривали за регионална доминација. Двете земји и верски се разликуваат, во Иран доминираат шиитите, додека во Саудиска Арабија сунитите се доминантно население.
Таквата поделба се рефлектира на целиот Блиски Исток, бидејќи другите земји од регионот, со оглед на мнозинското население бараат поддршка и лидерство од Ријад или од Техеран.
Саудиска Арабија, која е кралство, е родно место на исламот и себе си се перцепира како лидер во муслиманскиот свет. Додека Иран по Исламската револуција во 1979 година станува револуционерна теократија и тој модел сака да го прошири на соседните држави.
Арапската пролет предизвика политичка нестабилност во регионот, а Иран и Саудиска Арабија ги искористија протестите за да го прошират своето влијание, посебно во Сирија, Бахреин и во Јемен.
Иранската поддршка за претседателот на Сирија, Башар ал Асад овозможи армијата да е подоминантна во борбата со бунтовниците, кои имаат поддршка од Саудиска Арабија.
Регионалните тензии се зголемуваат и поради „милитаристичкиот авантуризам“ на саудискиот престолонаследник Мухамед бин Саламан, кој води војна против Хутите, бунтовничко движење во Јемен, кое има поддршка од Иран. Техеран негира дека ги снабдува Хутите со оружје и покрај тоа што извештаите на Обединети нации го говорат спротивното.
За САД и другите западните сили, слободната пловидба по Персиски Залив е значајна и секој судир што би можеле да го блокира патот за транспорт на нафта може да ги иницира американските поморски и воздушни сили.
Иран подолг период е дестабилизирачки фактор на Блиски Исток за САД и сојузниците, а за Саудиска Арабија е егзистенцијална закана, посебно по нападите од саботата врз нафтените постројки.